ИЗГАСНАТ ПОЖАРОТ ВО ШТИП: ДЗС и Ангелов бараат искусни ветерани за гаснење пожари – нудат 2.150 евра за три месеци
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираше дека пожарот кој вчера попладнето избувна во штипската месност Плуждино, на патот кон градските гробишта, е целосно изгаснат. Огнот, најверојатно предизвикан од удар на гром, брзо се проширил на сувата трева поради засилениот ветер, сериозно загрозувајќи ги околните објекти.
Во координираната акција учествуваа 20 пожарникари со четири возила од Штип, а на помош пристигнаа и екипи од Кочани и Свети Николе. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, појасни дека поради специфичните теренски услови, во оваа интервенција не биле користени авиони.
ДЗС во потрага по кадар: Се бараат возачи на „хермелини“ и „бтр-и“
Во пресрет на критичниот летен период и очекуваниот бран суши, Ангелов денеска упати јавен повик до поранешните припадници на полицијата, Армијата и противпожарните единици да се стават на располагање на државата. Дирекцијата има итна потреба од обучени кадри за управување со специјализирана механизација.
„Ни се потребни возачи за 22 пинцгауери, 5 ‘хермелини’ и 15 БТР-и пренаменети за противпожарни цели, како и оператори на вградени пумпи и луѓе за работа со водни ранци и метли“, истакна Ангелов.
Услови за ангажман: Солидна заработка за искусните
Дирекцијата нуди вкупен надомест од околу 2.150 евра за тримесечен ангажман во текот на летото (односно плата од 44.000 денари месечно). Кандидатите мора да исполнуваат неколку критериуми:
- Најмалку пет години искуство во Армијата, полицијата или пожарната (вклучително и пензионери);
- Добра психофизичка и здравствена состојба;
- Подготвеност за теренска работа со флексибилно работно време прилагодено на интензитетот на пожарите.
ДЗС ќе обезбеди задолжителни здравствени прегледи, кратка и интензивна противпожарна обука, униформи и комплетна заштитна опрема. Ангажираните ветерани првично ќе бидат распоредени на полесни интервенции, по што ќе бидат вклучени како поддршка на локалните сили низ целата територија на државата.
Овој потег на надлежните е обид навреме да се пополни кадровскиот дефицит и да се спречат катастрофалните последици од пожари на отворен простор кои се карактеристични за македонските лета.
Институциите повторно со закаснети реакции, во ек на пожарна сезона се бара работно ангажирање на дополнителни сили
И покрај повиците на ДЗС за работно ангажирање на дополнителни сили во форма на човечки ресурси со маркетиншки трикови од типот „ќе заработите 2.150 евра за три месеци“ граѓанството вели дека оваа реакција е закаснета и повторно ќе се случи она што се случува секоја пожарна сезона, немање доволен кадар за нормална реакција и работа на службите.
Овој чекор требаше да се случи уште зимоска кога противпожарните служби се подготвуваат за секоја наредна сезона, но македонската како по обичај се занимаваше со се само не со прекупотребните работи како „мобилизација“ на дополнителни човечки ресурси. Настрана што се бараат „искусни полицајци и воен персонал“ преку објави по електронските медиуми кој повторно се реагира дека е погрешен чекор, наместо тој „оглас“ да биде интерен во институциите од кои се бара како услов или пак преку здруженијата и синдикатите на армијата и полицијата каде што се „движат“ луѓе компатибилни со критериумите и условите кои ги бара ДЗС.
Очигледно не учиме на грешките и продолжуваме со „агонијата“ наречена „навремено и нормално реагирање за време на пожарни сезони“.