Денеска се одбележува Денот на македонскиот јазик

0

Денот на македонскиот јазик, 5 Мај денеска ќе биде одбележан со повеќе настани. Денот 5 мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“  на 16 април 2019 година за да се одбележи датумот на кој во 1945 година Народната влада на Федерална Македонија ја усвои азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо, а по два месеци беше озаконет првиот правопис со што беше кодифициран македонскиот јазик.

Официјални настани ќе се одржат во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и собраниската Комисија за култура и туризам.

На настанот во Институтот поздравни обраќања ќе имаат директорката на ИМЈ, Елена Јованова-Грујовска, директорка на Семинарот за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, Кристина Николовска, и архиепископ охридски и македониски г.г. Стефан.

Пригодно излагање под наслов „Од црти и рески до кирилицата: патот на македонското писмо“ ќе има Борче Арсов, научен советник при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.

Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет на УКИМ ќе го одбележи Денот на македонскиот јазик со трибина на тема „Состојбите во современиот македонски јазик – македонскиот јазик во правните акти“.

По повод Денот на македонскиот јазик, собраниската Комисија за култура и туризам денеска ќе одбележи јубилеј 80 години од излегувањето од печат на првата граматика на македонски јазик „Македонска граматика“ од Круме Кепески.

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), пак, по повод Денот на македонскиот јазик, денеска ќе организира работилница „Дигитални јазични ресурси за македонскиот јазик“.

Македонскиот јазик е кодифициран и стандардизиран со озаконувањето на првиот правопис, на 7 јуни 1945.

Македонски