Повредена слободата на изразување на новинарот Давид Илиески, утврди Уставниот суд
Уставниот суд утврди повреда на слободата на изразување на новинарот Давид Илиески и ѝ наложи на Развојната банка на Северна Македонија да ги достави бараните информации од јавен карактер во рок од осум дена по објавувањето на одлуката во „Службен весник“.
Одлуката била донесена едногласно на денешната седница на Судот, а се однесува на барање за пристап до информации поднесено во октомври 2025 година. Судот оценил дека банката не постапила по извршно решение на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, со што директно го повредила правото на новинарот да прима информации.
„Судот утврди дека станува збор за повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата која била сторена со дејствие, во форма на пропуштање, односно неизвршување на обврзувачка одлука од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер (АСПИ)“, наведува Судот во образложението.
Во постапката бил применет т.н. „трипартитен тест“ што го користи Европскиот суд за човекови права, при што Уставниот суд утврдил дека одбивањето да се достават информациите не е засновано на закон, нема легитимна цел и не е неопходно во едно демократско општество. Судот посочува дека повикувањето на банкарска тајна не може да биде оправдување за ограничување на пристапот до информации од јавен интерес.
„Непостапувањето по извршно решение не може да се смета за ограничување пропишано со закон, туку напротив, станува збор за ограничување спротивно на закон“, се наведува во одлуката.
Случајот се однесува на новинарско барање за информации поврзани со користење јавни средства од страна на Развојната банка, која е во државна сопственост. Иако надлежната Агенција во два наврати наложила целосно доставување на податоците, банката испратила само делумни, агрегирани информации, без конкретни податоци за компаниите и проектите кои добиле финансиска поддршка.
Уставниот суд оцени дека ваквото постапување го поткопува принципот на транспарентност и владеењето на правото, нагласувајќи дека правото на пристап до информации е составен дел од слободата на изразување.
„Слободата на примање и пренесување информации претставува нормативна разработка на слободата на јавното изразување на мислата бидејќи таа е нераскинлив дел од пошироката слобода на изразување. Повредата на слободата на јавно информирање не е само процесна туку се трансформира во континуирано попречување на правото да се примаат информации, а со тоа попречување на слободата на јавно изразување на мислата“, стои во одлуката.
Од Судот потенцираат дека оваа одлука претставува значаен преседан, бидејќи за првпат е применета можноста да се утврди конкретен рок и начин за отстранување на последиците од повредата на уставно загарантираните права.