Тошковски за насилството во Ѓорче Петров: 14 лица повикани на разговор, ќе следуваат соодветни санкции

5

Министерството за внатрешни работи веќе презема интензивни дејствија за расчистување на бруталниот случај на врсничко насилство во скопската општина Ѓорче Петров. Министерот Панче Тошковски денеска информираше дека во рамките на истрагата веќе се повикани 14 лица на службен разговор.

Случајот, кој ја згрози македонската јавност со својата свирепост, е под постојан надзор на надлежен јавен обвинител. Според Тошковски, за дел од лицата вклучени во инцидентот ќе следуваат соодветни процесни дејствија согласно законските регулативи.

„Ова е сериозен проблем кој нè засега сите и кој ќе остане во фокусот на МВР. Постапуваме по насоки на Јавното обвинителство. Со оглед на тоа што се работи за малолетници, јавноста ќе биде информирана внимателно и со ограничени детали, со цел да се заштити интегритетот на децата, но и самата постапка“, изјави министерот Тошковски.

Насилство на само педесет метри од полициската станица

Настанот, кој вклучува тепање, горење со цигари и тешко понижување на малолетно девојче, се случил кон крајот на март во паркот во Ѓорче Петров. Она што предизвика дополнителна загриженост е фактот што насилството се случувало во непосредна близина – на само педесетина метри од локалната полициска станица.

Бруталноста на чинот дополнително се прелеа во дигиталната сфера, откако снимките од малтретирањето на жртвата беа споделувани на социјалните мрежи и масовно циркулираа по телефоните на учениците во локалните училишта.

Од МВР нагласуваат дека институциите се максимално ангажирани за случајот да добие правна разрешница, упатувајќи апел до јавноста за одговорно однесување и превенција од понатамошно ширење на насилните материјали.

Македонски