СДСМ ги демантира обвинувањата за наводна средба на Димитријевиќ со српски политичари

7

Од партијата велат дека станува збор за „конструирана афера“ и дел од политичка кампања.

СДСМ остро реагира на, како што велат, „невистинити и тенденциозни тврдења“ пласирани од ВМРО-ДПМНЕ и медиуми блиски до неа, во врска со наводна средба на генералниот секретар на партијата, Александар Саша Димитријевиќ, со српски политички претставници.

Од СДСМ нагласуваат дека единствената вистина е дека Димитријевиќ присуствувал на погреб на член од неговото семејство, при што категорично демантираат дека се одржал каков било политички состанок. Во изјава за јавноста, Димитријевиќ истакнал дека ниту се сретнал, ниту лично ги познава лицата кои се споменуваат во обвинувањата.

„Од семеен и приватен момент се прави конструкција за наводна афера, што претставува обид за манипулација на јавноста“, велат од партијата.

Во реакцијата, СДСМ дополнително обвинува дека ваквите тврдења се дел од поширока кампања за дискредитација на опозицијата, при што се споменува и ангажман на странски структури за, како што наведуваат, „креирање и пласирање на афери“.

Партијата оценува дека ваквите обиди се резултат на недостиг на аргументи во политичката дебата и ги повикува граѓаните критички да ги оценуваат информациите што се пласираат во јавноста.

Македонски