ДПИ констатирал пропусти на Филозофски факултет по пријава од деканот

2

Деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакревски, за Мета.мк потврди дека Државниот просветен инспекторат утврдил нерегуларности кај седум студенти на магистерски и четворица на докторски студии. Тој додаде дека факултетот веќе постапил по решението, кое сам го иницирал и на овие студенти им е прекинато студирањето.

„Јас лично како декан го пријавив случајот и побарав од ДПИ да ги испита состојбите и да направи вондреден инспекциски надзор. Моја законска должност како декан е кога ќе имам индиции за евентуални нерегуларности, да го пријавам тој случај до надлежните институции. Така би постапил при секоја ситуација“, изјави деканот.

Тој појасни дека спорните студенти поседувале дипломи, но тие биле стручни, а не академски, додека пак законот дозволувал продолжување на студиите на повисоки циклуси само со завршени академски студии. Во конкретниот случај, стручните дипломи биле изедначени со академските, што овозможило запишување на магистерски и докторски студии, иако таква можност не е предвидена со важечкиот закон од 2018 година. Првиот случај на студент запишан на овој начин бил во академската 2019/20 година.

„Запишани биле 17 студенти со завршени стручни, а не академски студии и тие имаат 180 кредити. Најголем дел, односно 7 биле запишани на втор циклус, а 4 биле на докторски, а некои пак го прекинале студирањето од предходно. Повеќето се од Институтот за дефектологија, но има и по неколку студенти од други студиски програми“, изјави Бакревски.

Бакрески посочи дека случајот е повеќеслоен и треба да се разгледа од повеќе аспекти, при што најважно е да се почитува инстуционалната процедура и да се почека до конечниот расплет.

„Во моментот, најважно е да се почитува институционалната процедура и да се почека до конечниот расплет. Случајот е повеќеслоен и треба да се дискутира од повеќе аспекти. Некоректно е да се бара одговорност кај некој од колегите или раководството. Одговорноста ќе се утврдува врз основа на факти, а не на претспоставки. Ние како факултет сме отворени во делот на транспарентсното работење“, изјави Бакревски.

Како што информираше деканот, факултетот со решение веќе на половина од студентите им ги вратил парите потрошени за студирање, а истото ќе го стори и со останатите откако ќе ги приложат трансакциските сметки.

„Сите треба да гарантираме доверба и интегритет. Да нагласам, ние први го пријавивме случајот бидејќи сметавме дека состојбите во високото образование треба да се анализираат на повисоко ниво. А најрелевантна институција задолжена за ова е Државен просветен инспекторат“, изјави Бакревски.

За тоа како настанала ситуацијата, Бакревски не можеше во моментот да даде детали, но кажа дека сè е онака како што е наведено во решението на ДПИ.

„Во изминатиот период имало различни интерпретации на Законот и подзаконските акти, но морам да признаам дека намерата на наставниците никогаш не била да ги доведат студентите до ваква состојба. Во делот на уписите има различни фази и многу тела се вклучени, почнувајќи од студентски прашања, колегиуми, совети, продекани, итн, но не можам да покажам на некој со прст, највалидно е тоа што ќе го докаже ДПИ“, изјави Бакревски.

Во коментари на Фејсбук под објава на портал што ја пренесе веста, реагираа и професорите Маја Геровска Митев и Горан Ајдински од Филозофскиот факултет, оценувајќи дека информациите се нецелосно и неточно пренесени.

„Би било коректно кога информирате да ги дадете сите информации. Настанатата ситуација е резултат на период во кој важеле правни акти/правилници, согласно кои студенти со завршени стручни студии на прв циклус (180 кредити) и завршени втор циклус студии (60 кредити) можеле да се запишат на академски студии на втор и трет циклус. Студентите имале комплетирано образование кое се барало, факултетот постапил согласно постоечките правилници. Потребно е време да се разреши ситуацијата во најдобар интерес на студентите. Вашите некомплетни информации највеќе им штетат на студентите“, гласи коментарот на професорката Геровска Митев.

Професорот Горан Ајдински, пак, напиша дека запишаните студенти се со дипломи.

„Имаат завршени стручни студии, не академски. Има спорни одредби во нормативните акти каде јасно се пропишува дека не може да бидат запишани, но има и одредби каде може и под посебни услови. Инспекторатот постапи, но постапката не е завршена. ЗНАЧИ, проверете ги убаво информациите без сензационални наслови “без дипломи”…!? И не е само на Филозофски факултет“, стои во коментарот на Ајдински.

Претходно, порталот МКД.мк објави дека Филозофскиот факултет запишувал студенти на магистарски и докторски студии без тие да имаат завршено додипломски студии.

Филозофскиот факултет запишувал студенти на магистерски и докторски студии без дипломи

Македонски