АХВ: Спорната кашичка на „HiPP“ не е увезена во Македонија, пазарот е безбеден

5

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги смирува родителите по веста дека одреден производ за бебиња од брендот „HiPP“ е предмет на повлекување од пазарите во Австрија и неколку европски земји. Од Агенцијата потврдуваат дека спорниот производ воопшто не е пласиран во македонската трговска мрежа.

Станува збор за пакување храна за бебиња во стаклена тегличка од 190 грама, со вкус на морков и компир. По извршените проверки, АХВ извести дека до овој момент нема добиено официјална нотификација преку Системот за брзо известување за небезбедни производи на Европската унија (RASSF) дека оваа серија е присутна кај нас.

Дополнителна потврда пристигна и од овластениот дистрибутер на производите на „HiPP“ за Македонија. Операторот со храна писмено ја известил Агенцијата дека конкретниот производ, кој е предмет на истрага во Европа, воопшто не бил увезен во државата.

„Агенцијата ја следи состојбата со овој случај на меѓународно ниво и доколку се јави каква било потреба, навремено ќе реагираме за заштита на потрошувачите“, велат од АХВ.

Засега нема информации за други производи од овој бренд кои би биле сомнителни, а од Агенцијата уверуваат дека редовните контроли на увозната храна за бебиња се спроведуваат согласно највисоките безбедносни стандарди.

Македонски