АХВ идната недела ќе ги објави „фалсификувачите“ на млечни производи: Казната може да биде забрана за работа од три години

10

Имињата на осумте домашни и двете увозни компании кои ги лажеле граѓаните со квалитетот на млечните производи ќе бидат јавно објавени идната недела. Ова денеска го потврди директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, најавувајќи нова, поригорозна ера во контролата на безбедноста и квалитетот на храната.

Според Миланов, анализите на кашкавали, сирења, јогурт и млеко откриле сериозни манипулации. Иако производите се здравствено безбедни, потрошувачите биле мета на класична измама.

„Ако на декларацијата пишува дека производот содржи 24 отсто масти, а анализите покажат само пет отсто, тоа е директна измама. Таквите производи веднаш се повлекуваат и се уништуваат“, изјави Миланов.

Се проверува дали измамата траела со години

Агенцијата не запира само на тековните казни. Во тек е опсежен „аудит“ за да се утврди дали овие отстапувања се случаен инцидент или долготрајна практика на компаниите. Инспекторите ги проверуваат записниците и претходните лабораториски контроли на операторите за да видат дали манипулацијата постоела со години наназад.

Поради сериозноста на прекршоците, Миланов најави законски измени бидејќи сегашните парични казни се сметаат за прениски. Како најстрога мерка која се разгледува е одземање на дозволата за работа во рок од три години за секој оператор кој повеќепати ќе биде фатен како манипулира со составот на храната.

На ред се сувомеснатите производи

Додека јавноста го чека „списокот на срамот“ за млечната индустрија, од понеделник се очекуваат и резултатите од анализите на трајните и полутрајните месни производи. Под лупа на референтните лаборатории се саламите, виршлите и паштетите, каде исто така се проверува дали составот одговара на декларацијата.

Биланс: Уништени над 800 тони небезбедна храна

Одбележувајќи 15 години од формирањето на АХВ, директорот информираше дека во изминатата година (јуни 2024 – јуни 2025) од пазарот биле отстранети и уништени повеќе од 800 тони небезбедна храна, додека дополнителни 300 тони биле вратени во земјите на потекло.

АХВ располага со мрежа од 200 инспектори кои вршат постојани контроли, но Миланов апелираше и до граѓаните активно да се вклучат во заштитата на своите права и да пријавуваат секаков сомнеж на бесплатната линија 0800 3 22 22 или по електронски пат.

Македонски