Уапсени Федерика Могерини и Стефано Санино во аферата со ЕЕАС и Колеџот на Европа
Поранешната потпретседателка на Европската комисија и висока претставничка за надворешна политика на ЕУ (2014–2019), Федерика Могерини, е меѓу уапсените во големата истражна афера поврзана со Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС) и Колеџот на Европа, објави белгискиот весник Le Soir. Приведен е и Стефано Санино, поранешен генерален секретар на ЕЕАС, а сега директор во Европската комисија за Блискиот Исток, Северна Африка и Заливот.
Могерини од 2020 година е ректорка на престижниот Колеџ на Европа, додека Санино важи за еден од најискусните европски дипломати. Тој беше на чело на ЕЕАС до оваа година, пред да ја преземе новата функција во Европската комисија. Според информациите, Санино е формално подреден на комесарката за Медитеранот, Дубравка Шуица, која не е опфатена во истрагата.
Третото уапсено лице е менаџер во администрацијата на Колеџот на Европа.
Претреси по барање на Европското јавно обвинителство
Истрагата ја води Европската јавна обвинителска канцеларија (EPPO). На нивно барање, белгиската федерална полиција извршила претреси во повеќе згради на Колеџот на Европа во Бриж, како и во просториите на ЕЕАС во Брисел. Претресени се и приватни домови на осомничените.
EPPO соопшти дека три лица се приведени, но не ги именува поради текот на постапката. Европската комисија потврди дека полицијата била присутна во просториите на ЕЕАС, но одби дополнителни коментари со образложение дека „истрагата е во тек“.
Сомнежи за местени тендери
Истрагата е поврзана со проектот „Дипломатска академија на Европската Унија“ – деветмесечна програма за обука на млади дипломати од земјите-членки. Европската служба за надворешна акција му го додели проектот на Колеџот на Европа во Бриж во периодот 2021–2022 година, по спроведен тендер.
Истражителите се обидуваат да утврдат:
-
дали Колеџот на Европа однапред бил информиран за критериумите во тендерот,
-
дали имал индиции дека ќе го добие проектот пред неговото официјално објавување,
-
и дали биле злоупотребени службени информации со што се фаворизирала институцијата.