Нафтата со најсилен пад во последните пет недели – Брент под 62 долари за барел
Цените на суровата нафта забележаа најголем неделен пад во изминатите пет недели, при што Брент нафтата поевтини за 2,5% и се спушти на 61,7 долари за барел, додека американската WTI се намали за 2% – на 57,7 долари за барел.
Според податоците на Trading Economics, падот најмногу се должи на пазарните очекувања дека се зголемува веројатноста за напредок во мировните преговори меѓу Русија и Украина. Дел од меѓународните извештаи посочуваат дека Киев би можел да прифати ревидиран мировен план, што инвеститорите го толкуваат како потенцијален сигнал за деескалација.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека комуникацијата со Вашингтон продолжува, додека ставот на Москва и натаму останува нејасен.
Мировниот процес би можел драстично да го промени пазарот
Можната деескалација или завршување на конфликтот би имала значајно влијание врз глобалниот пазар на енергенси. Русија – еден од најголемите светски производители – моментално е под опсежни западни санкции, а украинските напади со дронови врз рафинерии го нарушија снабдувањето со деривати.
Секое евентуално зголемување на руското производство би додало дополнителни количини на пазарот, кој веќе се соочува со вишок во понудата. Аналитичарите предупредуваат дека глобалната понуда моментално расте побрзо од побарувачката, што создава притисок врз цените.
Четврти месец по ред со пад
Цените на нафтата се во негативна зона од почетокот на годината. Според прогнозите, тековниот месец ќе биде четврти последователен месец во кој нафтата бележи пад, што го потврдува трендот на намалена побарувачка и зголемена неизвесност на енергетските пазари.