Претреси во Скопје, Куманово и Тетово поради сомнежи за злоупотреби со државните стокови резерви
ОСОСК во координација со Основното јавно обвинителство – Скопје денеска спроведе претреси на домови и службени простории на повеќе локации во Скопје, Куманово и Тетово, поради сомнежи за кривични дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“ извршени во периодот 2021–2022 година. Акцијата е насочена кон утврдување неправилности во работењето на Агенцијата за стокови резерви, Агро берза, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и вешто лице ангажирано во постапките.
Според ОЈО, контролите се вршат со цел прибирање докази кои ќе бидат искористени во понатамошната кривична постапка.
Првичните сознанија укажуваат дека со неизвршување на службените обврски, осомничените придонеле да се изврши отпис на околу 1.500.000 килограми меркантилна пченица и 500.000 килограми јачмен од државните стокови резерви. Со тоа, на буџетот на државата му е нанесена штета проценета на околу 780.000 евра.
Според информации на „Фокус“, меѓу приведените и осомничените се поранешниот заменик-министер за земјоделство Трајан Димковски, поранешен директор на Агенцијата за стокови резерви и уште тројца раководители од истата институција.
Помеѓу осомничените се и неколку службени лица од Агенцијата за стокови резерви како и од министерството за земјоделство: дека осомничени лица се:
-
Н.Р., раководител во Агенцијата за стокови резерви
-
Р.А., директор на Агенцијата
-
Т.К., раководител во Агенцијата
-
Т.Д., поранешен заменик-министер за земјоделство
-
М.П., вешто лице од областа на земјоделството
Истражните дејствија продолжуваат, а од обвинителството најавуваат дека јавноста ќе биде навремено информирана за понатамошниот тек на постапката.