Пензионерите бараат зголемување на лимитот за бесплатно болничко лекување
Партијата на пензионери повторно апелира до Владата да го зголеми номиналниот лимит за бесплатно болничко лекување за пензионерите со ниски примања, предупредувајќи дека актуелната состојба ги става најранливите во незавидна положба.
Во соопштението се нагласува дека по зголемувањето на пензиите за 2.500 денари во март 2025 година, минималната пензија достигна 18.292 денари, додека лимитот за ослободување од партиципација за болничко лекување сè уште изнесува 18.000 денари. Поради тоа, веќе подолг период ниту еден пензионер не ги исполнува условите за бесплатно болничко лекување, што најсилно ги погодува оние со најниски пензии и нивните семејства.
Од партијата посочуваат дека проблемот е дополнително усложнет од фактот што цените на лековите во Македонија се меѓу највисоките во регионот.
Поради овие причини, Партијата на пензионери бара лимитот за ослободување од партиципација од јануари 2026 година да се зголеми на 25.000 денари, а во иднина да биде усогласуван со висината на минималната плата.