Новинарот Владимир Перев физички нападнат во Скопје – Софија бара брза истрага

21

Новинарот Владимир Перев, кој во јавноста е познат како активен член на бугарската заедница во Македонија, бил физички нападнат во Скопје, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи.

Перев (80) за порталот „Трибуна“ изјавил дека маж, значително помлад од него, го удрил во лицето и му ги скршил наочарите поради неговата етничка припадност. Напаѓачот, според Перев, викал дека „Бугарите треба да си одат во Бугарија“.

Бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, имал телефонски разговор со Перев, при што му упатил поддршка и уверување дека Софија ќе продолжи да стои зад него додека трае процесот.

Во реакцијата од бугарското МНР нападот се квалификува како уште еден случај на насилство од омраза врз Бугарин во Македонија.

„Категорично осудуваме уште еден чин на насилство од омраза против Бугарин во Република Северна Македонија – феномен кој, за жал, е поттикнат од актуелната социо-политичка атмосфера и антибугарска реторика“, стои во соопштението.

Од Софија бараат македонските институции да преземат „навремени и ефикасни“ мерки за истрага и санкционирање на напаѓачот.

„Потсетуваме дека европскиот пат на државата подразбира целосно спроведување на Европскиот компромис од 2022 година, вклучително и почитување на заедничките вредности и обезбедување на правата на македонските Бугари“, наведуваат од бугарското МНР.

Односите меѓу Скопје и Софија остануваат силно затегнати последната година, особено поради застојот во процесот за вметнување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија.

Македонски