Пронајдено безживотно тело на тетовец исчезнат од вчера – првичните информации упатуваат на убиство

11

Во попладневните часови денеска, околу 16 часот, тетовската полиција пронајде безживно тело на 42-годишен жител на Тетово, кој претходно бил пријавен за исчезнат од неговата сопруга.

Мажот последен пат бил виден вчера околу 18 часот, кога излегол од својот дом со патничко возило „Ауди“ со тетовски регистерски таблички и оттогаш не одговарал на телефонските повици.

Според СВР Тетово, возилото „Ауди Q5“ било лоцирано паркирано во атарот на селото Нераште од страна на полициски службеници од Полициското одделение Теарце.

Во автомобилот било пронајдено машко лице без знаци на живот, со прострелна рана во пределот на главата и јасно видлива дупка од куршум на возачкото стакло. Полициските служби првично се сомневаат дека мажот бил убиен со огнено оружје.

Лекар од Итната медицинска помош ја констатирал смртта, а по извршен увид од јавен обвинител и увидна екипа на СВР Тетово било потврдено дека станува збор за А.Б. (42) од Тетово.

Истрагата продолжува со цел утврдување на околностите и можните мотиви за убиството.

Македонски