Трка меѓу власта и опозицијата за Анкетна комисија за Кочани – иницијативата на СДСМ и Левица вратена на доработка

9

Политичка трка се отвори меѓу власта и опозицијата за тоа кој прв ќе формира Анкетна комисија за случајот со пожарот во Кочани. На утринската координација кај претседателот на Собранието Африм Гаши, СДСМ и Левица биле известени дека нивната иницијатива се враќа на доработка бидејќи не е во согласност со Деловникот.

Според Гаши, предлогот на опозицијата комисјата од 15 членови да има 9 претставници од опозицијата и 6 од власта го нарушува принципот на пропорционалност.

„Сите работни тела, вклучително и анкетните комисии, мора да го одразуваат парламентарниот сооднос на силите – мнозинство има власта, а претседателот се избира од опозицијата. Ова не беше испочитувано, па иницијативата е вратена на доработка,“ изјави Гаши.


ВМРО-ДПМНЕ со контраиницијатива – бараат проширување на истрагата на сите трагедии

Паралелно, Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека заедно со ВРЕДИ и ЗНАМ поднеле сопствена иницијатива за Анкетна комисија. Нивниот предлог предвидува состав од 10 членови од власта и 5 од опозицијата:

  • ВМРО-ДПМНЕ – 7 членови,

  • СДСМ – 2,

  • Европски фронт – 2,

  • ВРЕДИ – 2,

  • ЗНАМ – 1,

  • Левица – 1.

Новата иницијатива не се однесува само на Кочани, туку предлага комисијата да ги истражува и трагедиите со Дурмо Турс, Беса Транс и модуларната болница во Тетово.

„Овој случај не треба да се политизира. Треба да ги опфатиме сите трагедии, бидејќи јавноста има впечаток дека вистинските виновници не се изведени пред лицето на правдата,“ изјави Стојановски, додавајќи дека ќе поднесат заклучоци и препораки до Владата и Јавното обвинителство.

Од Европскиот фронт велат дека го поддржуваат проширувањето на мандатот на комисијата.

„Ќе дискутираме, но нашиот став е јасен – за иницијатива што ќе ги опфати сите несреќи,“ изјави Рина Ајдари.

Македонски