Судот во Кочани ги одби жалбите на Обвинителството – осомничените во случајот „Пулс“ остануваат во куќен притвор
Кривичниот совет при Основниот суд во Кочани донесе конечна одлука во однос на мерките за обезбедување присуство за двајцата осомничени во новата истрага поврзана со пропустите околу дискотеката „Пулс“. Жалбите на Основното јавно обвинителство Кочани се одбиени, со што е потврдена првичната одлука – осомничените остануваат во домашен притвор.
Обвинителството претходно бараше построга мерка, укажувајќи дека куќниот притвор не е доволен за спречување на можни влијанија врз сведоци или повторување на делото. Но, Судечкиот совет оцени дека предложената мерка е соодветна и доволна гаранција за непречено водење на истражната постапка.
Во соопштението на Основниот суд Кочани се наведува дека Советот ги разгледал сите аргументи и одлучил да ги потврди решенијата на судијата на претходна постапка.
„Советот ги одби изјавените жалби на ОЈО Кочани против решенијата на судијата на претходна постапка, со кои на двајца осомничени им беше определена мерка куќен притвор, и ги потврди донесените решенија“, се наведува во соопштението.
Иако во судското соопштение не се наведени имиња, според контекстот од случајот станува збор за даночните инспектори на Управата за јавни приходи, Драган Паунов и Дуле Димитриев. Тие се сомничат дека злоупотребиле службена положба, примале поткуп и им доставувале информации на сопствениците на дискотеката „Пулс“ за најавени контроли, овозможувајќи избегнување на законски обврски и даночно затајување.
Обвинителството бараше притвор поради тежината на делото, но судот пресуди дека куќниот притвор во моментов е соодветна мерка.
Истрагата продолжува, а осомничените ќе останат во своите домови под строг надзор додека траат доказните постапки.