Лагард предупредува: Еврозоната ризикува фискална стагнација без поинтензивни продуктивни инвестиции

6

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, денес упати јасен повик до земјите-членки на еврозоната да ја засилат комбинацијата на намалување на јавниот долг и вложувања во продуктивни сектори. Таа нагласи дека јавните трошоци мора да се пренасочат кон образование, истражување и развој, предупредувајќи дека во спротивно Европа може да се соочи со „спирала на фискална стагнација“.

„Нивото на јавен долг во еврозоната и понатаму е високо и неопходно е постепено да се намали“, изјави Лагард во обраќањето на Европската трилатерална комисија во Виена, пренесе BFM.

Според првата жена на ЕЦБ, проблемот не е само во непочитувањето на буџетските правила, туку во недоволниот фокус на трошоци што го поттикнуваат долгорочниот економски раст и стратешките приоритети. Таа оценува дека истовремено мора да се подобруваат и јавните финансии.

Лагард посочи дека само неколку земји од еврозоната — меѓу кои Франција и Италија — ја користат можноста предвидена во европското законодавство за продолжување на периодот на фискално прилагодување на седум години. Ова продолжување е дозволено доколку земјите инвестираат во структурни реформи и проекти што ја зголемуваат продуктивноста.

Таа предупреди дека недоволните инвестиции можат да ја втурнат Европа во фискална стагнација, ситуација во која мерките за штедење го кочат растот, создавајќи потреба од уште поголеми кратења и опасен „маѓепсан круг“.

Како решение, Лагард предложи дел од стратешките трошоци да се обединат на европско ниво — особено во истражувањето и развојот, како поттик за иновации, и во одбраната, со цел подобро одвраќање од потенцијални закани.

Македонски