Приведен на Аца Лукас во Кавадарци поради „носење македонско знаме“ – неумесна „шега“ на менаџерот или бизарна реална причина?
Српскиот пејач Аца Лукас синоќа наводно бил приведен во Кавадарци затоа што за време на настап го носел македонското, а не бугарско знаме – тврди неговиот менаџер.
Според изјавата на Саша Мирковиќ, премиерот Христијан Мицкоски лично наредил да се покрене постапка против пејачот. Оваа информација предизвика револт кај дел од публиката која во голем број дошла да го проследи концертот на Лукас.
Неговите фанови го оценија наводното приведување како срамно, скандалозно и недолично, сметајќи дека таков третман не му прилега на еден од најпознатите музички изведувачи во регионот. Дел од нив се собраа пред полициската станица, изразувајќи гнев и барајќи ослободување на пејачот.
Српските медиуми известуваат дека синоќа по приведувањето имало собирање на луѓе пред полициската станица и притоа присутните „поддржувачи“ скандирале и го извикувале името на Лукас, најавувајќи дека нема да се разотидат сè додека, како што рекле, не се исправи „неправдата“ што му била нанесена.
Инаку, пред само неколку дена, пејачката Цеца Ражнатовиќ предизвика реакции на концерт во Велес, кога на сцена се појави со бугарско знаме, што беше проследено со негодување и свирежи од дел од публиката.
Дали она што се наведува како причина е некаква „неумесна шега“ на оние кои го информирале менаџерот или пак некој сака да си поигрува со чувствата на македонскиот народ на сметка на неодамнешниот испад на Цеца во Велес сеуште не се знае но едно е сигурно дека со ваквиот несериозен пристап од страна на менаџерските тимови на турбофолк изведувачите само го потврдуваат фактот за културниот „рестарт“ на македонската публика.