Обилните врнежи предизвикаа поплави и оштетувања низ повеќе општини во земјава

8

Обилните врнежи што ја зафатија државата во изминатите денови создадоа сериозни проблеми на повеќе локации, покажува утринскиот извештај на Регионалните центри за управување со кризи (РЦУК). Најкритична е состојбата во преспанскиот регион, каде делови од селата Царев Двор и Дрмени се поплавени по излевањето на реките Болнска и Источка.

Според РЦУК – Битола, водата навлегла во над 50 домаќинства, магацински објекти, визби и земјоделски површини. На терен работат екипи од јавни претпријатија и приватни компании со механизација: четири багери, седум големи пумпи и дополнителни приватни пумпи за извлекување вода. На регионалните патишта има земјени наноси кои се расчистуваат според приоритетите.

Нивото на Голема Река достигнало 2,1 метри, со почетни излевања во Долна и Горна Бела Црква. ЈКП „Пролетер“ информира дека е нарушен квалитетот на водата, која привремено не се препорачува за пиење. Противпожарната единица од Ресен интервенира во село Дрмени со две возила и пет пожарникари.

Состојба во Битолскиот регион

Општина Битола пријавува повеќе интервенции во подпелистерските села Нижеполе, Дихово, Цапари, Породин, Жабени, Лажец, Меџитлија, Острец, Граешница и Кишава.
ЈП „Нискоградба“ и АД Водостопанство работат на подигање насипи на реката Драгор кај Долно Оризари, додека на мостот кај Карамани се чистат гранки и отпад за да се овозможи подобар проток.

ХМС „Стрежево“ ги расчистува пропустите на Цапарска Река, а целата механизација е ангажирана и ќе остане на терен и во текот на ноќта.
Поради вода на коловоз, затворени се патиштата Лера–Доленци и правецот кон Цапари.

Нивото на реката Црна е значително покачено и во 15:30 часот изнесувало 2,7 метри.
ЈКП Водовод – Битола работи на дефект што предизвика прекин на водоснабдувањето во населбите од Кравари до Меџитлија.
Преку Е-112 се пријавени поплавени подруми и дворови, паднато дрво и ризични канали.

Демир Хисар, Прилеп и други региони

Во општина Демир Хисар има излевање на реката Црна кај селото Жван, со поплавени земјоделски површини. Локалните служби расчистуваат одрони на патиштата Базерник и Вирово, кои се проодни.

Во Прилеп, преку Е-112 е пријавен паднат таван во куќа на улицата „Кајмакчалан“, како последица од долготрајните врнежи.

РЦУК – Охрид информира за повеќе интервенции на поплавени домови. По престанокот на дождот состојбата се стабилизирала, но речните водотеци и понатаму се на високо ниво.

Во Крива Паланка и Кратово екипите расчистуваат одрони на регионалните патишта. Иако водостоите на Кратовска и Крива Река се зголемени, засега нема излевања.

Според РЦУК – Скопје, нивото на реките во скопскиот регион е покачено, но состојбата е под контрола.
РЦУК – Струмица пријавува три одрони на патот Струмица–Валандово, за кои веднаш се известени надлежните служби.

Македонски