Приведени десетина вработени во УЈП под сомнение за корупција и злоупотреби
Десетина вработени во Управата за јавни приходи (УЈП) утрово се приведени, а во тек се претреси на повеќе локации поврзани со нив, информираше обвинителот Љупчо Коцевски.
„Водевме предистражна постапка за лица вработени во УЈП, поврзани со кочанскиот предмет,“ изјави Коцевски пред новинарите. Според него, вчера и денеска биле спроведени активности по налог на јавниот обвинител.
„Денеска се приведени околу десетина лица и се вршат претреси на одредени локации. Се работи за вработени во Управата за јавни приходи, осомничени за злоупотреба на службена положба и примање мито,“ нагласи Коцевски, без да открие на кои работни позиции биле ангажирани приведените.
Во однос на прашањата дали дел од приведените имале комуникација со сопственикот на дискотеката „Пулс“, чии пораки во јавноста веќе беа обелоденети, Коцевски потврди дека дел од тие материјали се предадени во судот.
Тој прецизираше дека овој предмет нема да биде споен со истрагата за случајот во Кочани, бидејќи не е поврзан со смртната последица која се испитува таму. „Овде станува збор за дела како злоупотреба на службена должност, давање и примање поткуп, што нема врска со другиот кривичен настан,“ појасни обвинителот.
Коцевски најави дека повеќе детали ќе бидат објавени во текот на денот.