Збрка со студентските ваучери: Мастер-студенти добиле средства иако не ги исполнуваат условите
Вистински хаос се создаде околу државниот проект за доделување ваучери од 250 евра на студенти за набавка на електронска опрема. Иако правилата јасно утврдуваат дека правото на ваучер го имаат само студенти запишани на прв циклус студии, дел од постдипломците – студенти на мастер програми – успеале да аплицираат и да ги добијат средствата.
Според официјалните критериуми, за ваучерот може да конкурира секој студент до 29 години кој следи прв циклус студии, без разлика дали е редовен или вонреден. Ваучерите можат да се искористат до крајот на годината во однапред утврдени продавници за електроника.
По падот на веб-страницата за аплицирање првиот ден, вчера и денеска дел од мастер-студентите ја искористиле можноста и успеале да се регистрираат. По добиените информации за пропустот, институциите спроведоа дополнителни проверки и ги известија постдипломците дека нема да можат да ги заменат добиените ваучери за компјутери, таблети или мобилни телефони.
Паралелно се појавија и информации дека дел од студентите ги продаваат ваучерите што им следуваат. Министерката за образование, Весна Јаневска, на ова реагираше со изјава дека таквото однесување „останува на совеста на самите студенти“.
Право на ваучерот имаат околу 55.000 студенти, а рокот за аплицирање е до 20 декември.