Собранието на Косово не го одобри кандидатот на Самоопределување за премиер – нови избори најдоцна за 40 дена
На денешната вонредна седница, Собранието на Косово не го изгласа кандидатот на партијата Самоопределување, Гљаук Коњуфца, за нов премиер. За неговото именување гласаа 56 пратеници, 53 беа против, а четворица се воздржаа.
Коњуфца на почетокот на седницата претстави програмата на идната влада, како и предлог-состав на вицепремиери и министри, практично идентичен со предлогот што го презентираше претходниот мандатар, **Албин Курти. Единствената разлика е што Курти сега е предложен за позиција прв вицепремиер и министер за надворешни работи, откако претходно беше кандидат за премиер.
Согласно Уставот, по неодобрувањето на кандидатот, претседателката на Косово, Вјоса Османи, има обврска да го распушти Собранието и да закаже вонредни парламентарни избори најдоцна во рок од 40 дена.
Медиумите во Приштина јавуваат дека изборите би можеле да се одржат на 21 или 28 декември.