Зеколи-Шаќири со емотивен апел: „Барам жалба на пресудата, барам фер правда“

3

Заменик-министерката за транспорт и врски, Калтрина Зеколи-Шаќири, денеска одржа емотивна прес-конференција, повторно барајќи правда за трагичната сообраќајна несреќа што пред три години се случи на скопската обиколница кај Радишани, во која загина нејзиниот сопруг – велосипедистот Арбер Шаќири.

Несреќата повторно ја отвори темата за безбедноста во сообраќајот, но и за правосудниот систем, откако возачот кој го прегази Шаќири беше осуден на само седум месеци затвор. Зеколи-Шаќири истакна дека како оштетена страна нема право на жалба – одлука што, како што рече, ја остава без можност за борба за повисока казна.

Таа искрено ги сподели тешките моменти од судницата, посочувајќи на, како што рече, недолично однесување од страна на судијката која ја водела постапката.

„Кога беше објавена пресудата и болката повторно ме совлада, судијката Драгана Исаковска го крена гласот кон мене – кон жена која изгубила сè – само затоа што реагирав човечки. Во тој момент не зборував како функционер, туку како мајка и скршена сопруга. Излегов со реченица што дојде од мојата душа: се надевам дека никогаш нема да доживеете таква болка“, изјави Зеколи-Шаќири.

Таа додаде дека иако законот не ѝ дозволува да поднесе жалба, Обвинителството ја има таа можност. Затоа јавно повика институцијата да реагира.

„Денес сум пред вас со врзани раце, но Обвинителството може да постапи. Јавно барам жалба на пресудата. Барам фер пресуда“, порача заменик-министерката.

Makedonski