Axios: Администрацијата на Трамп во тајност подготвува нов план за завршување на војната во Украина
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп тајно изработува сеопфатен план за прекин на војната во Украина, во консултација со Русија, објави Axios, повикувајќи се на американски и руски претставници.
Според медиумот, станува збор за документ од 28 точки, инспириран од планот на Трамп за прекин на огнот во Газа. Предлогот би опфатил мир во Украина, безбедносни гаранции, европска безбедност и идни односи меѓу САД, Русија и Украина, наведува Axios.
Иницијативата ја предводи специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, кој детално го дискутирал планот со рускиот претставник Кирил Дмитриев, тврди американски извор. Виткоф наводно разговарал за предлогот и со Рустем Умеров, советник за безбедност на украинскиот претседател Володимир Зеленски, на состанок што се одржал оваа недела во Мајами.
Белата куќа започнала да ги информира и европските партнери за нацрт-планот, пренесува Axios. Од администрацијата во Вашингтон сè уште нема официјален коментар за медиумските информации.
Во меѓувреме, руските сили синоќа лансираа 11 беспилотни летала кон Украина. Во нападот беше погодена станбена зграда во Харков, вториот по големина украински град.