Зеленски во Атина: Фокус на природниот гас, зголемени безбедносни мерки и забрана за протести
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска престојува во Атина, каде ќе оствари средби со претседателот на Грција Константинос Тасулас, премиерот Кирјакос Мицотакис и претседателот на парламентот Никтас Какламанис.
Посетата, поради безбедносни причини, беше официјално соопштена дури утрово.
Зеленски преку социјалната мрежа Икс потврди дека во Грција пристигнал за финализирање на договор за увоз на природен гас.
„Денес веќе подготвивме договор со Грција за гас за Украина, што ќе биде уште една рута за снабдување со гас, со цел што е можно повеќе да се обезбедат увозите за зимата“, истакна украинскиот претседател.
Како дел од зајакнатите безбедносни мерки, грчката полиција информираше дека од 6 часот утрово до 22 часот вечерва се воведува забрана за собири и протести во центарот на Атина и повеќе атински населби.
Зеленски последен пат ја посети Атина во август 2023 година, кога грчкиот премиер Мицотакис организираше неформална вечера со лидерите од регионот по повод 20-годишнината од Солунската агенда за европска интеграција на земјите од Западен Балкан.