Битиќи: Владата трупа партиски вработувања, ПИОМ станува неодржлив
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, во емисијата „Вин Вин“ на Телма предупреди дека линеарното зголемување на пензиите, наместо методолошкото усогласување, го зголемува буџетскиот дефицит на ПИОМ од 31% на 48% и може да доведе до неодржлив пензиски фонд за три години.
„Мора да им се каже на пензионерите и на младите дека ова зафаќање има цена. Со методолошкото усогласување, пензионерите ќе добиеја повеќе, а не сите линеарно исто“, рече Битиќи.
Тој ја обвини владата дека не спроведува реформи и дека јавната администрација се полни со нови партиски кадри.
„Ако не направите вистински реформи и упорно трупате администрација со партиски војници, тоа има цена. Власта треба да каже колку нови вработувања има во последните 18 месеци“, додаде Битиќи, нагласувајќи дека без реформска агенда државата нема да може да обезбеди одржлив буџет во наредните години.