Истрагата за пожарот во „Пулс“ сè уште трае, судењето почнува следната недела

5

Истрагата за полициските службеници во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани сè уште не е завршена, иако беше планирано тоа да се случи до крајот на септември. Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека постоеле објективни причини, поврзани со сослушување на сведоци, но најави дека на почетокот на декември ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.

Во однос на предистрагата за службениците од УЈП, Коцевски нагласи дека постапката е во тек во ОЈО Кочани, при што надлежниот обвинител дал конкретни насоки и наредби за преземање процесни дејствија.

„Во овој момент не можеме да кажеме ништо повеќе“, рече Коцевски.

Тој потврди дека судењето за случајот со пожарот во „Пулс“ почнува следната недела, а Обвинителството е целосно подготвено. „Во судница ќе го застапуваат обвинението истите обвинители што беа и досега, но ќе бидат ангажирани и уште неколку за да не се одолговлекува постапката,“ изјави тој.

Според него, вкупно околу 15 јавни обвинители ќе бидат вклучени во процесот, со цел судењето да се одвива без одложувања и прекини.

Makedonski