Во прашање европските ИПАРД средства поради корупциски скандал во Платежната агенција

7

Корупцискиот скандал во Платежната агенција, во кој е инволвиран директорот Илија Стоилев – кадар на ВМРО-ДПМНЕ, би можел да ја доведе во прашање реализацијата на европската ИПАРД-3 програма, вредна 128 милиони евра, предупреди пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски, на денешната прес-конференција.

Според Николовски, постои сериозен ризик Европската унија да ги стопира средствата за поддршка на македонското земјоделство поради, како што рече, „партиските злоупотреби, корупцијата и неспособноста“ во институциите под раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во ризик се ставени 128 милиони евра што требаше да бидат двигател на развојот на земјоделството. Ако средствата се стопираат, нема да има нови повици, нови договори, ниту исплати за тековните проекти,“ истакна Николовски.

Тој предупреди дека илјадници земјоделци и агробизнисмени сега се соочуваат со неизвесност и страв дека ќе ги изгубат своите инвестиции.

Николовски потсети дека во 2017 година земјата затекнала само 12% искористеност на европските средства во земјоделството, но дека во изминатите седум години системот бил целосно унапреден, со што Македонија станала регионален лидер во искористеноста на ИПАРД-2 програмата.

„Системот што го изградивме за седум години е уништен за само година и пол власт на ВМРО-ДПМНЕ. Од први станавме последни, а сега сме пред ризик да ги изгубиме 128 милиони евра за земјоделците,“ додаде Николовски.

Пратеникот обвини дека во изминатиот период имало бројни злоупотреби – од изнудување пари и одолговлекување предмети, до партиски унапредувања и заминување на професионални кадри, на што реагирале и европските институции.

„Ова не е само удар врз земјоделците, туку и врз кредибилитетот на државата како кандидат за членство во ЕУ. СДСМ бара целосна политичка, морална и кривична одговорност од сите вмешани,“ рече Николовски.

Трипуновски: Владата покажува неселективна борба против корупцијата

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, изјави дека случајот со директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството треба целосно да се истражи, но нагласи дека нема опасност по ИПАРД средствата.

„Законот важи еднакво за сите, без разлика дали се сегашни или поранешни функционери. Владата води неселективна борба против корупцијата и злоупотребата на службената положба,“ изјави Трипуновски.

Тој нагласи дека, за разлика од претходната власт, сега институциите отворено реагираат и постапуваат без прикривање на евентуални злоупотреби.

„Ги охрабрувам сите надлежни институции случајот да го истражат до крај, за да се спречат идни прекршувања. Ги повикувам и граѓаните да пријавуваат вакви случаи, затоа што само така можеме да создадеме функционален и чесен систем,“ порача министерот.

Makedonski