„Гунвор“ се повлече од договорот со „Лукоил“ по притисок од САД
Швајцарскиот трговец со стоки „Гунвор“ објави дека го повлекува предлогот за купување на странските средства на руската енергетска компанија „Лукоил“, откако Министерството за финансии на САД го означи трговецот како „марионета на Кремљ“ и даде до знаење дека Вашингтон се спротивставува на зделката.
Овој чекор ја поништува можноста за најголемата аквизиција во историјата на „Гунвор“ и ја потврдува решеноста на САД да ја изолираат Русија преку санкции и да ги ограничат приходите што Москва ги користи за војната во Украина.
Во објава на платформата X, американското Министерство за финансии наведе дека претседателот Доналд Трамп „е јасен дека војната мора веднаш да заврши“, додавајќи дека „на марионета на Кремљ, како Гунвор, никогаш нема да ѝ биде дозволено да работи и да профитира“.
Одговор дојде од Сет Пјетрас, главен корпоративен директор на „Гунвор“, кој во е-пошта ја оцени изјавата како „фундаментално дезинформирана и лажна“, нагласувајќи дека компанијата ќе се обиде да „го исправи ова очигледно недоразбирање“.
„Во меѓувреме, ‘Гунвор’ го повлекува својот предлог за меѓународните средства на ‘Лукоил’“, додаде Пјетрас.
САД минатиот месец воведоа санкции против ‘Лукоил’, втората по големина нафтена компанија во Русија, со цел да ги намалат приходите на Москва од нафта во време на војна. „Лукоил“ претходно ја прифати понудата на „Гунвор“ за продажба на своите странски средства, кои опфаќаа рафинерии во Европа, удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак и Мексико, како и стотици бензински пумпи низ светот.
Иако договорот беше амбициозен, експерти веќе предупредија дека ќе биде тешко остварлив, бидејќи го надминува кредитниот капацитет на „Гунвор“ и е силно ограничен од американските санкции.
Во поширок контекст, санкциите врз руските рафинерии, серијата експлозии во клучни објекти и недостигот на јасна стратегија се закануваат да предизвикаат недостиг на гориво, раст на цените и зголемена нестабилност во Источна Европа.