Нерешено меѓу Шкендија и Јагелонија – инциденти по натпреварот во Скопје

3

Актуелниот македонски шампион Шкендија одигра 1:1 со Јагелонија од Полска во третото коло од Конференциската лига.

Шкендија поведе во 49. минута со гол на Лиридон Латифи, но гостите успеаја да израмнат длабоко во судиското продолжение, во 90+10. минута, преку Лозано. Иако Јагелонија последните четири минути играше со фудбалер помалку, македонскиот тим не успеа да го задржи водството.

По три кола, Шкендија има четири бода и се наоѓа на 21. позиција, додека Јагелонија е 14-та со пет бода.

Вечерта ја обележа и инцидент по завршувањето на натпреварот. Под западната трибина на Националната арена „Тодор Проески“, дошло до судир меѓу домашни и гостински навивачи во моментот кога фановите на Шкендија ја напуштале арената, а полските поддржувачи чекале да бидат изнесени.

Во инцидентот летале шишиња, камења и дури и црева од противпожарни апарати, а полицијата брзо интервенирала, ги вратила навивачите на Јагелонија назад на трибините и ја спречила ескалацијата на насилството.

Надлежните органи најавија дека ќе следува истрага за утврдување на причините и одговорноста за немилите настани.

Makedonski