Истрага за убиство кај Чашка – осомничен маж од Велес, се бара и втор соизвршител

5

Основното јавно обвинителство во Велес поведе истрага против едно лице осомничено дека, заедно со уште едно засега непознато лице, сторил убиство во близина на селото Бусилци — кривично дело предвидено и казниво по член 123 став 1 од Кривичниот законик.

Според обвинителството, на 5 ноември во местото викано Поројница, во близина на земјениот пат од Чашка кон Бусилци, осомничениот го намамил велешанецот Ѓело Ѓошев, го превезол со автомобил до локацијата, каде заедно со друго лице пукале во него со огнено оружје и му нанеле прострелна рана во главата, од која жртвата починала на лице место.

Од истрагата произлегува дека осомничениот веќе бил осудуван за разбојништво и дека по извршеното убиство се обидел да ги прикрие трагите со цел да го попречи понатамошниот тек на постапката.

Јавниот обвинител оцени дека постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик од повторување на делото, поради што до судот доставил предлог за определување мерка притвор.

Полицијата, по наредба на обвинителството, продолжува со интензивна истрага за идентификација на вториот соизвршител и за утврдување на мотивите зад убиството.

Makedonski