Уапсен директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој под сомнение за мито
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, е уапсен денеска под сомнение за примање мито, потврдија извори од истрагата. Акцијата ја спроведе Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во координација со Истражниот центар при обвинителството и со екипи на Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според првичните информации, биле извршени претреси на повеќе локации низ земјата поради основани сомневања за коруптивни активности поврзани со распределба на средства преку програмата ИПАРД. Тимови од Управата за финансиска полиција, МВР и истражители од обвинителството попладнево влегле во просториите на агенцијата.
Неофицијално, акцијата била резултат на пријава од апликант за финансиска поддршка, кој тврдел дека Стоилев побарал и примил мито за да се обезбеди договор. На пријавениот му биле дадени обележани банкноти, со кои директорот бил фатен во моментот на земање на парите.
Според информациите на порталот 24инфо, лицето што го пријавило случајот и соработувало со истражителите е поранешен министер во влада на ВМРО-ДПМНЕ.
Илија Стоилев беше именуван за директор на агенцијата во јули 2024 година. По професија е дипломиран земјоделски инженер од отсек сточарство и работел како професор на Земјоделскиот факултет при УКИМ во Скопје.
Истрагата е во тек, а од Обвинителството најавуваат дека во наредните денови ќе бидат објавени повеќе детали за случајот.