Обвинителството со информација дека не нашло траги на насилство кај починатата девојка во Тетово

4

Тетовската јавност е потресена по пронаоѓањето на безживотно тело на млада девојка синоќа меѓу зградите кај Зелениот пазар, спроти Центарот за социјални работи. Настанот предизвика бројни реакции и шпекулации, но денеска Обвинителството излезе со првични информации кои внесоа делумно смирување.

Од Основното јавно обвинителство во Тетово соопштија дека, според првичните сознанија, смртта на девојката не е резултат на кривично дело.

„Дежурен јавен обвинител изврши увид на местото каде што беше пронајдена девојката, како и во станот што таа го изнајмуваше. Се преземаат сите дејствија за целосно расветлување на случајот – детални проверки и вештачења се во тек, но првичните траги не упатуваат на насилна смрт. Наредена е обдукција и ќе се вршат распити на повеќе лица“, стои во соопштението.

Починатата е 25-годишна девојка од Ѓаковица, Косово, која студирала во Тетово. Според полициски извори на Алсат, девојката паднала од зграда, а на местото на настанот е пронајдена и одредена количина дрога, што дополнително ќе се испитува во рамки на истрагата.

Makedonski