Се стабилизира состојбата на повредените во пожарот во тузланскиот Дом за стари лица
Здравствената состојба на поголемиот дел од повредените во пожарот што избувна во вторник навечер на седмиот кат од Домот за стари лица во Тузла е стабилизирана. Според последните информации, 15 лица се хоспитализирани, од кои четворица се на респиратори.
„Седум пациенти се наоѓаат на Клиниката за анестезиологија и реанимација, четворица од нив на механичка вентилација. Петмина, жители на домот, се згрижени на Клиниката за белодробни заболувања и сите имаат стабилни витални параметри,“ соопшти Универзитетскиот медицински центар Тузла, пренесува порталот Кликс.
Двајца пациенти се хоспитализирани и на Клиниката за внатрешни болести, а нивната состојба, според лекарите, е стабилна.
Во пожарот, кој ја потресе јавноста во БиХ, загинаа 11 лица, а повеќе од 40 беа повредени.