АВМУ: Радиодифузерите без прекршувања на Изборниот законик во првиот круг од локалните избори

4

Во текот на изборната кампања за првиот круг од локалните избори 2025, не биле констатирани прекршувања на Изборниот законик од страна на радиодифузерите, покажува Извештајот за изборно медиумско претставување на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), за периодот од 29 септември до 17 октомври 2025 година.

Прекршувања биле утврдени само за време на изборниот молк, и тоа кај четири радиодифузери, додека во однос на балансот во дневноинформативните емисии, сите анализирани медиуми генерално известувале неутрално за учесниците во изборниот процес.

Мониторингот на АВМУ опфатил 11 национални телевизиски сервиси, меѓу кои: МРТ 1, МРТ 2, Собранискиот канал на МРТ, ТВ Алсат-М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител, ТВ Телма, ТВ 24 Вести, ТВ Компани 21-М и ТВ Шења. Анализата се фокусирала на облиците на изборно медиумско претставување, додека за другите телевизиски сервиси се постапувало по поднесени претставки.

Во извештајот се наведува дека поради големиот број учесници – вкупно 153, медиумите се соочиле со ограничени технички и кадровски ресурси, што ја отежнало целосната примена на принципите на еднаквост и пропорционалност во известувањето.

Десет телевизии емитувале интервјуа со учесниците во кампањата. Најмногу интервјуа имала ТВ Алсат-М (30), следат ТВ Алфа (29), МРТ 1 (28), ТВ Сител (23), ТВ Телма (15), ТВ Шења (13) и ТВ 24 Вести (12).
ТВ Алсат-М и ТВ Сител интервјуата ги емитувале во рамки на своите дневноинформативни емисии, а Сител, покрај 10 интервјуа во вестите, имал и дополнителни 13 интервјуа во други емисии.

Во однос на дебатните емисии, сите анализирани телевизии – освен Сител – емитувале ваков тип на програма. Најмногу дебати се реализирани на ТВ 24 Вести и ТВ Телма (по 24), потоа МРТ 1 (17), ТВ Канал 5 (13) и МРТ 2 (11).

Јавниот радиодифузен сервис и националните телевизии што емитувале платено политичко рекламирање ја исполниле законската обврска за пристапност за лица со сетилна попреченост, преку едно дневно издание на вестите и една неделна актуелно-информативна емисија со адаптирана содржина.

МРТ 1, МРТ 2 и Собранискиот канал ја исполниле и обврската од Изборниот законик, нудејќи им на кандидатите можност за бесплатно политичко претставување.

Makedonski