Портпаролот на ЗНАМ Никола Мемов со остри критики кон коалицискиот партнер ВРЕДИ
Портпаролот на движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов, кој воедно ја извршува функцијата директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, упати остри критики кон коалицискиот партнер ВРЕДИ, дел од актуелното владино мнозинство.
Во објава на својот Фејсбук профил, Мемов обвини дека ВРЕДИ ја изиграл ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во Скопје, бидејќи, како што тврди, нивните претставници не го поддржале кандидатот за градоначалник Орце Ѓорѓиевски, иако тоа било очекувано.
„ВМРО го знае тоа и премиерот јавно им кажа – ние чесно ве поддржавме, плативме огромна цена за таа поддршка и за возврат не побаравме ништо. Само почит. Таа почит не ја добивме. И тоа не го забораваме“
напиша Мемов, прикачувајќи видео од премиерот Христијан Мицкоски, кој се обраќа на партиски собир во Тетово, Гостивар и Струга.
На последните локални избори, движењето ЗНАМ немаше свој кандидат за градоначалник на Град Скопје и јавно го поддржа Орце Ѓорѓиевски, додека во Општина Центар, кандидатот на ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ, доби поддршка од ВМРО-ДПМНЕ.