Затворени избирачките места – граѓаните гласаа во вториот круг од локалните избори

6

Во 19 часот се затворија избирачките места на кои граѓаните денеска гласаа во вториот круг од осмите локални избори за градоначалници во 32 општини и во Град Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари каде што се спроведе прегласување за советници.

Гласањето денеска не се одржа во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово Ростуше, каде што постапката ќе се повтори во рок од 60 дена по завршувањето на изборниот процес.

Во вториот круг се гласаше за градоначалници во општините: Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново-Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Долнени, Дојран и Зрновци.

Право на глас имаа 1.013.375 гласачи, од кои 474.304 во Град Скопје. Во главниот град, во општините Центар, Аеродром и Карпош, избирачите добија две ливчиња – за градоначалник на Скопје и за градоначалник на општината, додека во Шуто Оризари се гласаше и за советници.

Во изборната трка учествуваа 22 партии, 19 коалиции и 119 независни кандидатури, а најмногу кандидати за градоначалник – 16 – имаше во Град Скопје.

Изборите ги следеа 1.598 набљудувачи, од кои 933 странски и 651 меѓународен.

Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), до 17 часот излезноста во Скопје изнесувала 28,52 проценти, додека на ниво на држава 39,28 проценти. Највисока излезност е забележана во Конче (64,44%), а најниска во Сарај (8,77%), информираше портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска.

По затворањето на гласачките места, на избирачите кои биле затекнати во објектот им се овозможи да го остварат своето право на глас. Записниците и изборниот материјал избирачките одбори треба да ги достават до Општинските изборни комисии во рок од пет часа по завршувањето на гласањето.

Партиските раководства вечерва ги чекаат резултатите во своите изборни штабови, а првичните неофицијални податоци се очекува да бидат објавени околу полноќ.

Според информациите на ДИК, гласањето на болните и изнемоштени лица, како и во казнено-поправните установи и домовите за вонсемејна грижа, се одвивало мирно и без неправилности.

Makedonski