МВР: Десет пријави за нарушување на изборниот молк, едно лице приведено во Шуто Оризари
Министерството за внатрешни работи соопшти дека за време на изборниот молк, во периодот од 01.11.2025 до 07:00 часот на 02.11.2025, биле регистрирани 10 пријави за наводно нарушување на изборниот молк.
Од нив, три пријави се однесуваат на подрачјето на СВР Скопје, три на СВР Охрид, две на СВР Штип, и по една пријава во подрачјата на СВР Тетово и СВР Битола. По преземените мерки, не се потврдени шест од пријавените случаи, информираат од МВР.
Покрај тоа, во текот на молкот биле регистрирани 19 објави на социјалните мрежи, кои се однесувале на повици за гласање за одредени кандидати, како и видеа и фотографии од партиски активности во изборни штабови.
Во однос на гласањето, на 01 ноември бил регистриран инцидент во основното училиште „26 Јули“ во општина Шуто Оризари, каде едно лице фотографирало кочан со гласачките ливчиња. Лицето било приведено, а МВР презема мерки за целосно расчистување на случајот.
Од Министерството додаваат дека гласањето на болни и изнемоштени лица, како и во казнено-поправните установи, поминало без нарушувања и без инциденти.