Ѓорѓи Галетановски поднесе оставка од функцијата претседател на Градската организација на СДСМ
Претседателот на Градската организација на СДСМ – Скопје, Ѓорѓи Галетановски, си поднел неотповиклива оставка, потврди за ТВ 24 висок партиски функционер од партијата.
Според истиот извор, Галетановски ја образложил оставката со морални и лични причини, а одлуката следи по првиот круг од локалните избори, на кои СДСМ доживеа тежок пораз, освојувајќи само пет советнички места во Советот на Град Скопје.
ТВ 24 се обиде да добие изјава од Галетановски, но тој не одговорил на прашањата.
Од партијата на Венко Филипче официјално потврдија дека оставката е доставена на „Бихаќка“:
„Оставката е поднесена од лични и морални причини и доставена до партијата. Во однос на понатамошните одлуки, органите на СДСМ ќе постапат согласно статутарните одредби, за што ќе ја информираме јавноста“, велат од СДСМ за ТВ 24.
Галетановски е еден од неколкумината советници кои СДСМ ги освои во Советот на Град Скопје. Според информации на ТВ 24, тој бил и критичар на одредени политики на актуелното раководство на партијата, особено на последните состаноци на Извршниот одбор.
Во времето на мандатот на Петре Шилегов, Галетановски беше директор на Зоолошката градина во Скопје.
 
			