Турски воен гигант ќе гради фабрика за муниција во Косово
Турската државна воена компанија KME потпиша договор за изградба на првата фабрика за муниција во Косово, со производствен капацитет од 20 милиони парчиња годишно. Според планот, фабриката треба да биде завршена во текот на следната година.
KME ќе биде задолжена за целосната изградба на објектите, како и за обука на локален кадар за производство, одржување и поправка. Договорот опфаќа и набавка на производни линии, лаборатории и опрема за тестирање.
Оваа иницијатива следува по изјавата на косовскиот премиер Албин Курти од ноември минатата година, кога најави развој на домашна одбранбена индустрија, вклучително и фабрика за муниција и лабораторија за дизајн на беспилотни летала.
Воената соработка меѓу Косово и Турција значително се интензивира во последните години. Во јули 2023 година, Приштина набави беспилотни летала „Бајрактар“ од турскиот производител Baykar, а на почетокот на октомври годинава доби и илјадници беспилотни летала-самоубијци од истата компанија.
Премиерот Курти ја оцени изградбата на фабриката како одбранбена мерка против „заканите од соседна Србија“, нагласувајќи дека проектот ќе претставува бедем за безбедноста на Косово.