Кошта: Ниту една земја не стави вето на предлогот за користење на руските средства за Украина
На последниот Самит на Европската унија, ниту една земја членка не стави вето на предлогот на Европската комисија за користење на замрзнатите руски средства за финансирање на поддршката за Украина, изјави претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.
„Неколку лидери покренаа технички прашања што треба да се решат, па затоа ја повикавме Комисијата да продолжи со работата и повторно да излезе со предлог на Советот во декември, кога ќе биде донесена конечната одлука“, рече Кошта на заедничката прес-конференција со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.
Кошта нагласи дека лидерите ќе донесат клучна политичка одлука за обезбедување целосна финансиска поддршка на Украина за 2026 и 2027 година. На самитот се разговарало и со претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард и шефот на Еврогрупата Паскал Донохју, кои потврдиле дека предлогот е во согласност со европското и меѓународното право, но дека се потребни доработка и усогласување на одредени технички аспекти.
„Оваа одлука е важна порака до Русија дека Украина ќе има средства да продолжи да се бори за праведен и траен мир. Украина може да смета на поддршката на Европската унија“, изјави Кошта.
Претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен истакна дека во предлог-заклучоците за Украина има „силен јазик“ кој ја потврдува посветеноста на Унијата да ги задоволи украинските потреби, вклучително и оние за одбрана и безбедност.
„Се согласивме околу што – тоа е заемот за репарации – но сега мора да работиме на како да го реализираме тоа и која е најдобрата опција за понатамошно дејствување“, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека фокусот останува на користење на имобилизираните руски средства, иако постојат и други можности за поддршка на Украина.
Кошта дополнително истакна дека Европската комисија пронашла „иновативно и паметно решение“, но дека Советот мора да ги разгледа сите алтернативи пред да донесе конечна одлука.
Во заклучоците од самитот не се споменуваат директно замрзнатите руски средства, но како анекс е додаден документ во кој 26 лидери ја изразиле поддршката за предлогот.
Белгискиот премиер Барт де Вевер предупреди дека ќе се спротивстави на усвојување политичка одлука без јасни гаранции за споделување на ризикот меѓу земјите членки.