Трамп: Израел ќе ја изгуби поддршката од САД ако го анектира Западен Брег

5

Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека Израел ризикува да ја изгуби поддршката од САД доколку се реши на анексија на Западниот Брег, изјавувајќи дека таков потег нема да биде дозволен.

– Тоа нема да се случи бидејќи им ветив на арапските држави како дел од преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа, изјави Трамп во интервју за списанието „Тајм“, направено на 15 октомври, а објавено денеска.

Предупредувањето доаѓа откако израелскиот парламент усвои два закона насочени кон проширување на израелскиот суверенитет над Западниот Брег.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс реагираше на одлуката на Кнесетот, истакнувајќи дека САД не поддржуваат анексија на палестинските територии.

– Ако ова беше политички потег, тогаш тоа беше многу глупав потег и јас лично го сфаќам како навреда. Политиката на администрацијата на претседателот Трамп е дека Западниот Брег нема да биде анектиран од Израел — и тоа ќе остане непроменето, рече Венс на крајот од својата посета на Израел.

Во меѓувреме, во Израел пристигна и американскиот државен секретар Марко Рубио, кој треба да оствари средба со премиерот Бенјамин Нетанјаху во рамки на дипломатските напори за стабилизирање на регионот.

Makedonski