Дали Мицковски бара „оправдување“ за предвремени парламентарни избори?

9

Премиерот Христијан Мицкоски, повторно го отвори прашањето за предвремени парламентарни избори, оценувајќи дека опозициските калкулации околу мандати можат да се претворат во реалност.

Мицкоски ја упати пораката до СДСМ за време на обраќањето на одбележувањето на 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, потсетувајќи дека за предвремени избори зборувал и пред две недели.

„На опозицијата ќе и оставиме време да се консолидира и да размисли дали ќе се осмели да оди на предвремени избори. Јас лично не ги посакувам и сметам дека се непотребни, затоа што е време за резултати и офанзива на секој план. Но нивната ‘весела математика’ и создавањето на вештачки теми и блефови треба да добијат одговор. Нека внимаваат што зборуваат и што посакуваат – можеби ќе им се оствари,“ изјави Мицкоски.

Премиерот упати порака и до Демократската унија за интеграција (ДУИ), нагласувајќи дека резултатите од изборите се јасен сигнал од граѓаните за потреба од промени и крај на политиканството.

„Овој резултат се случи затоа што тие не разбраа дека додека се занимаваат со орли, јастреби и зајци, народот е уморен од чекање подобар живот – живот што граѓаните повеќе од 20 години не го добија со таа политичка партија. Го чув и нивното барање за предвремени избори – тие се надеваат на тоа за да го спречат падот што веќе им се случува. А таа удолница што ја фатија е поголема од онаа што се оди од Стража кон Зајас,“ рече Мицкоски.

Премиерот заклучи дека владата ќе продолжи со реализација на проектите и со, како што рече, „офанзива на секој план“ во интерес на граѓаните.

Makedonski