Жерновски: ВМРО-ДПМНЕ изгуби 140.000 гласа, а разликата со СДСМ драстично се намали
Поранешниот градоначалник и амбасадор Андреј Жерновски објави на својата Фејсбук страница дека резултатите од првиот круг на локалните избори го потврдиле неговото тврдење од август, според кое ВМРО–ДПМНЕ бележи значителен пад во поддршката.
„Кога ги објавив овие бројки во првата половина на август, Мицкоски и ВМРО–ДПМНЕ, како и нивните медиуми, очајнички се обидуваа да демантираат, тврдејќи дека изнесувам невистини во јавноста. Но, вчерашното гласање ги демантираше оние што демантираа. ВМРО–ДПМНЕ изгуби 140.000 гласа, а разликата меѓу СДСМ и ВМРО–ДПМНЕ е значително намалена,“ напиша Жерновски.
Тој посочи дека споредбените анализи со изборните резултати од минатата година покажуваат драматичен пад во поддршката не само за ВМРО–ДПМНЕ, туку и за движењето ЗНАМ, при што двете партии, според него, изгубиле по речиси една третина од гласовите.
„Тоа е најголемиот и најбрзиот пад на било која владејачка партија во историјата на македонскиот политички плурализам“, напиша тој, додавајќи дека трендот на опаѓање на поддршката ќе продолжи и во наредниот период.
Жерновски истакна дека Скопје останува најголем политички предизвик, и упати честитки до сите победници во првиот круг:
„На сите победници им го честитам успехот и им посакувам плоден мандат,“ заврши тој.