Историски ниска излезност на локалните избори 2025 – под 50 проценти од гласачите излегле на гласање

11

Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), одѕивот на гласачите во првиот круг од локалните избори 2025 година е најнизок досега – 48,29 проценти од запишаните избирачи.

Податоците се засноваат на обработени 99,94% од избирачките места, односно 3.472 од вкупно 3.474 гласачки локации.

За споредба, највисока излезност на локални избори е забележана во 2013 година, кога гласале 67 проценти од избирачите. Од тогаш, бројките се во постојан пад – 60% во 2017 година и 50,57% на изборите во 2021 година.

Оваа година, според официјалните бројки на ДИК, на изборите гласале вкупно 884.851 граѓанин, а регистрирани се 53.713 неважечки ливчиња, што претставува 6,1 проценти од вкупниот број гласови.

Најмногу неважечки ливчиња се забележани во Град Скопје, каде што се евидентирани 12.270 гласачки ливчиња кои не биле валидни.

Во споредба со претходните изборни циклуси, бројот на неважечки ливчиња бележи значителен пораст. На локалните избори во 2017 година имало 11.472 неважечки ливчиња за градоначалници и 13.367 за совет, додека на изборите во 2021 година бројката достигна 37.859 неважечки гласови.

Makedonski