ЗНМ: Новинарите имаат право да известуваат од избирачките места без акредитација од ДИК

6

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) апелира до Државната изборна комисија (ДИК), општинските изборни комисии и Министерството за внатрешни работи (МВР) да обезбедат непречен пристап и услови за работа за новинарите и медиумските работници на сите избирачки места во текот на изборниот ден.

Од ЗНМ потсетуваат дека за известување од избирачките места не е потребна акредитација од ДИК, туку доволна е новинарската легитимација издадена од медиумот за кој новинарот работи.

„Професионалното, навремено и точно информирање на јавноста за текот на изборниот процес е од суштинско значење за довербата во изборите“, наведуваат од ЗНМ.


Случај во Карпош: новинарка спречена да фотографира

Во соопштението на ЗНМ се посочува дека денеска, на избирачкото место 2648 во Влае (општина Карпош), новинарката на Мета.мк, Антонија Јаневска, била спречена да фотографира со образложение дека нема акредитација од ДИК.

По разјаснување дека таква акредитација не е потребна, ѝ било дозволено да фотографира, но само гласачки кутии и паравани, без членови на избирачкиот одбор. Во моментот на фотографирањето гласањето било „паузирано“ за наводна заштита на личните податоци. Случајот не бил пријавен во ЗНМ.


Попречувања и во други градови

ЗНМ информира и за уште три слични случаи на попречување на новинари во текот на денот:

  • На избирачко место 2626 во Карпош, заменик-претседател на избирачки одбор се обидел да ѝ го одземе телефонот на новинарката и уредничка на Порталб.мк, Елида Зулбеари. Интервенирала полицијата, а ЗНМ најави дека ќе побара од ДИК да санкционира вакво однесување.

  • Во Охрид, на избирачко место 1270, на екипа на јавниот сервис ѝ бил забранет пристап во раните утрински часови со истото образложение – дека нема акредитација од ДИК. По интервенција, на новинарите им било дозволено да ја продолжат работата.

  • Во Тетово, новинар бил спречен да земе изјава од гласачи и членови на избирачкиот одбор, исто така поради наводен „недостиг на акредитација“.


Апел до институциите

ЗНМ апелира до ДИК и до МВР итно да ги информираат сите избирачки одбори дека новинарите и медиумските екипи имаат право да известуваат без дополнителни акредитации, со цел да се избегнат нови недоразбирања во текот на денот.

„Новинарите имаат право да снимаат општ амбиент и изјави без нарушување на тајноста на гласањето и без попречување на изборниот процес. Ги повикуваме избирачките одбори да овозможат непречен влез на медиумите со видлива легитимација и, во случај на сомнеж, прво да побараат насоки од ОИК или ДИК, наместо да го ограничат пристапот“, порачуваат од ЗНМ.

Истовремено, од здружението ги потсетуваат новинарите и снимателите секогаш да ја носат својата новинарска легитимација, да се претстават на барање на избирачкиот одбор и да го евидентираат секој случај на попречување, со прецизен опис на времето, местото и лицата вклучени во инцидентот.

Makedonski