Почна гласањето на локалните избори 2025 за изнемоштените и затворениците

9

Денеска, на ден пред одржувањето на локалните избори 2025, гласаат затворениците, лицата во домашен притвор, болните и немоќните лица, како и штитениците во старските домови.

Според податоците на Државната изборна комисија, 2162 затвореници треба да гласаат во казнено-поправните установи, од кои 938 во КПД Идризово, 391 во Шуто Оризари, 237 во Штип, и 119 во Прилеп.

Во своите домови денеска ќе гласаат 8851 болни и немоќни лица, чии пријави беа одобрени од општинските изборни комисии. За гласање во старските домови се пријавени 442 лица, откако бројката беше намалена за осум по затворањето на домот „Арија“.

Утре, 19 октомври, ќе се одржат осмите локални избори од независноста на државата, на кои ќе се избираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје.

Ќе се гласа на 3474 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 советнички листи, односно вкупно 10 490 кандидати.

На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 независни кандидатури, а најмногу кандидати за градоначалник има за Град Скопје – 16.

Право на глас имаат 1 832 415 граѓани, од кои 1 717 803 гласаат во земјата, а останатите се запишани во посебниот список како иселени лица.

Гласањето утре ќе трае од 7:00 до 19:00 часот, а изборниот молк, што започна синоќа на полноќ, ќе трае до затворањето на избирачките места.

Makedonski