Трамп: Тарифите кон Кина не можат да траат долго, но беа неопходни
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека воведените 100-процентни тарифи на кинескиот увоз не се долгорочно одржливи, бидејќи би можеле да предизвикаат сериозни економски последици за САД.
„Тие не се одржливи, но тоа е нивото наметнато во моментов“, изјави Трамп во интервју за Фокс Бизнис Нетворк, одговарајќи на прашањето како новите мерки ќе влијаат врз американската економија.
Тој нагласи дека Пекинг го принудил на ваквиот потег, обвинувајќи ја Кина за застојот во трговските преговори меѓу двете земји.
Минатата недела, Трамп најави дека Вашингтон ќе ги зголеми тарифите на кинеските производи на 100 проценти и ќе воведе контроли на извозот на технолошки производи, само девет дена пред истекот на тековното тарифно олеснување.
Американскиот претседател, исто така, потврди дека ќе се сретне со кинескиот лидер Си Џинпинг во Јужна Кореја за две недели – средба која претходно беше под знак прашалник.
„Верувам дека ќе постигнеме договор со Кина, но тој мора да биде фер“, истакна Трамп.
 
			