ДИК ја започна дистрибуцијата на изборниот материјал за локалните избори

10

Државната изборна комисија (ДИК) започна со дистрибуција на недоверливиот изборен материјал до сите општински изборни комисии, додека во четврток и петок ќе се доставува доверливиот материјал, информираа од Комисијата на денешната 144. седница.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, истакна дека доставата на доверливиот изборен материјал се врши под целосно полициско обезбедување, во согласност со однапред усвоен план и процедури на Министерството за внатрешни работи (МВР). Материјалот ќе биде обезбеден и пред, и по денот на гласањето, како и при транспортот назад до општинските комисии и ДИК.

Во четврток ќе бидат доставени избирачките списоци и гласачките ливчиња до сите општински изборни комисии, а во петок уредите за биометриска идентификација, изјави Кондарко, додавајќи дека во процесот се вклучени членовите и службениците на ДИК, како и овластени лица ангажирани од Комисијата.

Според планот на ДИК, по објавувањето на првичните неофицијални резултати преку електронскиот систем во текот на изборната вечер, во понеделник (20 октомври) ќе започне приемот на оригиналниот доверлив изборен материјал и записниците од гласањето.

Од раните утрински часови општинските изборни комисии ќе пристигнуваат во ДИК во групи за предавање на оригиналните записници, по што ќе следува проверка и обработка. Кон крајот на денот ДИК ќе ги објави и првичните официјални резултати, појасни Кондарко.

На денот на изборите, ДИК ќе ја информира јавноста за излезноста на секои два часа, а сите детали од процесот ќе бидат јавно достапни.

На седницата беа разгледани и барањата за акредитација на набљудувачи поднесени од домашни и меѓународни организации. Според членката на ДИК Светлана Карапетрова, вкупно 1.341 набљудувач е пријавен за следење на изборите – 700 домашни и 639 меѓународни, како и двајца странски новинари.

Барања за набљудување пристигнале од повеќе организации, меѓу кои и Амбасадата на САД во Скопје, Турската државна телевизија,  Националниот ромски центар и Сојузот за родова рамноправност.

Секој акредитиран набљудувач ќе добие овластување и беџ за идентификација и е должен да го почитува кодексот за набљудување на изборите донесен од ДИК, додаде Карапетрова.

Покрај тоа, ДИК разгледа и приговори од гласачи чии барања за гласање во домашни услови биле одбиени од општинските комисии. Дел од нив беа усвоени, а дел одбиени како неосновани.

Makedonski