Венецијанска комисија: За целосна независност на Обвинителството потребни се уставни измени
Во најновото мислење усвоено на пленарната седница во Венеција, Комисијата ги поздравува реформите во правосудството, но предупредува дека сегашниот модел сè уште овозможува политичко влијание.
Венецијанската комисија на Советот на Европа, на пленарната седница одржана на 9 и 10 октомври 2025 година, усвои мислење во кое дава целосна анализа на нацрт-законите за Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија. Овие закони се дел од владината Реформска агенда 2024–2027, насочена кон подобрување на интегритетот и транспарентноста на правосудниот систем.
Комисијата ги поздравува напорите на властите и го пофалува инклузивниот процес на подготовка на законите, но потенцира дека за да се обезбеди целосна независност на обвинителството, ќе бидат потребни и уставни измени.
Според мислењето, новите законски решенија претставуваат напредок во поглед на транспарентноста, професионалните стандарди и отчетноста, но одредени механизми и натаму оставаат простор за политичко влијание.
Венецијанската комисија посочува дека сегашниот уставен модел, според кој јавниот обвинител се избира и разрешува со просто мнозинство во Собранието, не обезбедува доволна заштита од политизација.
Затоа, Комисијата препорачува во идните уставни измени јавниот обвинител да се избира со квалификувано мнозинство, што би овозможило поширок политички консензус и посилна автономија на функцијата. Дополнително, предлага да се укине можноста за реизбор, бидејќи неповторливиот мандат е клучен за независноста на институцијата.
Во однос на Советот на јавни обвинители, Комисијата смета дека неговиот состав е урамнотежен, но препорачува дополнителни мерки за спречување на прекумерно влијание од обвинителската фела и за обезбедување поголема разноликост.
Се предлага прецизирање на условите за професионално искуство на членовите што не се обвинители, како и појасни постапки за избор на четворицата членови што ги именува Собранието, со вклучување на универзитетите, адвокатурата и граѓанскиот сектор, за да се намали партиското влијание.
Посебно се нагласува дека обвинителите избрани во Советот треба да ги замрзнат своите функции за време на мандатот, со цел да се избегне конфликт на интереси и да се зајакне независноста на телото.
Комисијата препорачува да се појаснат одредбите што се однесуваат на разрешување на членови на Советот, особено формулациите како „загрозување на автономијата на обвинителите“ или „неизвршување на обврските“, кои се оценети како премногу нејасни.
Според експертите, во законските коментари треба да се дадат конкретни објаснувања и примери, за да се избегнат злоупотреби. Воедно, се препорачува одлуките за предвремено престанување на мандатот да не се носат со просто мнозинство, бидејќи тоа може да доведе до доминација на обвинителската група.
Комисијата го поздравува воведувањето на јавен конкурс за избор на јавен обвинител, како и учеството на Советот на јавни обвинители во процесот. Сепак, предупредува дека влијанието на Владата и Собранието останува значително, па затоа повторно се препорачува воведување квалификувано мнозинство при изборот.
Дополнително, се предлага ограничување на мандатот на јавниот обвинител на една повторна можност со задолжителен период на пауза меѓу два мандата.
Во делот за критериумите при избор, Комисијата препорачува јасно да се наведат и менаџерските способности, а дисциплинските постапки да бидат поточно дефинирани за да не се користат како средство за притисок.
Исто така, ако Владата не го прифати мислењето на Советот при разрешување на јавниот обвинител, таа треба писмено да го образложи отстапувањето.
Позитивно е оценето решението Јавното обвинителство самостојно да управува со својот буџет, а зголемувањето на минималното учество од 0,4 на 0,5 проценти од државниот буџет се оценува како чекор напред.
Сепак, Комисијата потсетува дека оваа норма мора реално да се почитува во пракса, бидејќи постојат сомнежи дека досегашниот процент не бил навистина обезбеден.
На крајот, Венецијанската комисија ги поздравува напорите на Министерството за правда и вклучувањето на стручната јавност во процесот, оценувајќи го како пример за транспарентност и консултативност.
Сепак, експертите предупредуваат дека без уставни гаранции за независност и ограничување на политичкото влијание, реформите ќе останат само делумно ефективни.
Комисијата ја потврди својата подготвеност да продолжи да ѝ помага на Северна Македонија во натамошното усогласување на законите со европските стандарди и принципите на владеење на правото.
 
			